Нашиот одговор на COVID-19

До глобалната заедница на Samsung,

Како што COVID-19 продолжува да се шири низ целиот свет, ние мислиме на сите вас. Знаеме дека оваа ситуација влијаеше на сите вас различно и дека COVID-19 ќе има долготрајно влијание на нашето општество. И покрај овие тешки времиња, сепак гледаме надеж во нашата издржливост. Покажуваме како можеме да бидеме здружени како заедница - без оглед на локацијата или околностите - за да го надминеме еден од најголемите предизвици во нашиот живот.

Минувајќи низ овие неизвесни времиња, Samsung има важна улога да се грижи за своите вработени, да ги поддржува своите корисници и да им помогне на своите заедници. Посветуваме ресурси да им помогнеме на оние на кои им треба помош и да си помогнеме себеси, како општество, да излеземе посилни од сето ова.

Поддршка за нашата глобална работна сила

Воспоставивме регионални тимови за реакција во целиот свет за да им обезбедиме ресурси и ажурирани информации на нашите вработени за најновите насоки од здравствените органи. Го ограничивме деловното патување само доколку е критично за мисијата и им препорачавме на вработените да работат од дома секаде каде што е можно. Покрај тоа, затворивме некои од нашите објекти и продавници како поддршка на напорите за социјално дистанцирање, онаму каде што е потребно.

Во канцелариите и просториите кои се клучни за обезбедување производи и услуги за корисниците, воведовме задолжителни здравствени тестирања и проверки на телесната температура пред влегувањето и спроведуваме редовно темелно чистење. Во целиот свет, разгледуваме начини да им помогнеме на нашите вработени и нивните семејства кои беа погодени од оваа пандемија.

Ќе продолжиме да правиме сè што можеме за да ги заштитиме нашите луѓе кои се клучни за нашиот бизнис.

Во служба на нашите ценети корисници и партнери

Односите кои ги изградивме со нашите корисници и партнери во текот на изминативе 50 години се од најголемо значење за нас.

Како што се пренасочуваат нашите животи кон работа и учење од дома, ние сме овде за да ве поддржиме вас и вашето семејство со производи и услуги кои ви овозможуваат да продолжите со животот и да бидете поврзани со саканите. Ние сме тука за да ве поддржиме онлајн на Samsung.com со деноноќна грижа за корисници. За корисниците чија гаранција од производителот истекува додека нашите услуги се недостапни поради ограничувањата предизвикани од COVID-19, нудиме продолжување од еден месец од датумот кога услугите за поправки ќе станат повторно достапни.

Возвраќаме на нашите заедници

Од јануари, Samsung донираше стоки и услуги во вредност до 29 милиони долари на владите и заедниците кои беа најпогодени од COVID-19 за да помогне во нивните напори за справување, вклучувајќи и купување медицински материјали и комплети за хигиена, како што се маски за лице. Донираме мобилни телефони на пациенти во карантин за да им помогнеме да останат во контакт со нивните семејства и пријатели, како и прочистувачи на воздухот и други апарати на болниците и центрите за карантин. Донираме и таблети на образовните институции за да можат децата да продолжат да учат надвор од училниците, и ги ставаме на располагање нашите едукативни модели за корпоративна социјална одговорност (CSR) онлајн за да можат децата да имаат пристап до подобра содржина од дома.

Во Кореја, која беше една од првите погодени земји, им обезбедивме на локалните власти наш објект кој функционира како центар за грижа за пациентите, за да помогнеме во напорите на земјата за контролирање на ширењето на болеста. Исто така, нашите тимови инженери работат заедно со компании во Кореја кои произведуваат маски за да им помогнат во зголемување на производството со подобрување на распоредот во фабриките и производствените процеси, а во некои случаи, создаваат калапи за производство на маски. Поради нашите напори, една од компаниите беше во можност повеќе од двојно да го зголеми своето дневно производство.

Ќе продолжиме да ја користиме нашата технологија и ресурси за решавање на итните потреби на оние кои работат во борбата против оваа опасност и влијанието на COVID-19. Ова се заснова на непоколебливиот принцип кој нè водеше низ нашата историја: да создаваме технологија која придонесува кон подобро глобално општество.

Повеќе од кога и да е, сега мораме да се здружиме не само за да го надминеме овој предизвик, туку и да излеземе заедно посилни. Ова се тешки времиња за сите нас и ние ќе продолжиме да споделуваме нови информации со вас како што ќе се развива ситуацијата. Засега, искрено ви благодариме на сите вас, нашите вработени, за сè што правите, особено за поддршката која си ја давате меѓусебно, на нашите партнери и на нашите корисници.

На нашите корисници, партнери и заедници, благодарни сме ви за вашата лојална поддршка и ветуваме дека ќе бидеме силни заедно со вас додека се насочуваме кон подобра иднина.

Од сите нас во Samsung, ви посакуваме вам и на вашите семејства и вашите пријатели да останете силни и во добро здравје.